MKinformer

your daily dose of news

Почнува бизнисот со складирање струја: Кои фирми први ќе го започнат овој милионски бизнис во Македонија?

15/12/2025 12:09

Владата минатата недела официјално го усвои и објави првиот годишен енергетски инвестициски план на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со што за првпат јавно се дефинираат инвеститорите кои ќе ги градат првите батериски системи за складирање електрична енергија во земјава.

Според документот, доставени се 37 иницијативи за изградба на изолирани батериски складишта што ќе се приклучуваат на електродистрибутивниот систем, со цел подобрување на стабилноста, сигурноста и флексибилноста на електроенергетската мрежа. Вкупната планирана инсталирана моќност изнесува 675,624 MW, со капацитет за складирање од 1.863,896 MWh.

Проектите се одобрени и од МЕПСО, како оператор на електропреносниот систем, и од ЕВН Електродистрибуција, што укажува дека државата сериозно влегува во процесот на енергетска транзиција. Сепак, локациите на складиштата засега не се јавно објавени, а забележливо е дека значаен дел од инвеститорите се новоосновани компании.

Кои се најголемите инвеститори?

Најголем проект најавува БЕСС Проект, фирма основана во 2024 година во Македонија од хрватската компанија IE-Energy, со план за батериско складиште од 90 MW.

Веднаш зад неа е Тесса Груп со 61,66 MW, во сопственост на бизнисменот Ајри Шеј, кој веќе ја поседува топланата „Скопје Север“ и планира изградба на гасна централа.

Складишта од по 50 MW најавуваат:

  • Дабур 1

  • Пробат Енергија (Александар Влахо)

  • БАТ Инженеринг (Даниел Поповски)

  • ОСМ Солар на бугарската групација Реналфа, која веќе поседува голема фотонапонска централа во Осломеј во партнерство со ЕСМ

Проекти од 40 MW се најавени од компании формирани од сопствениците на градежната фирма „БИСИ“, Виенто Енергетико, Биг Сториџ, од страна на Бранко Георгиевски, а Биг Енерџи Солутионс е на име на сопругата на Ивица Георгиевски инаку син на Бранко Георгиевски. Ист капацитет пријавил и Мартин Кочков како поединец, како и B&H Solar Energy на украинскиот инвеститор Јевген Јаременко.

Колку вреди овој бизнис?

Според пазарните проценки, инвестицијата за 1 MW батериски капацитет се движи од 180.000 до 550.000 евра, во зависност од технологијата и времетраењето на складирањето. Тоа значи дека станува збор за инвестиции вредни стотици милиони евра.

Складирањето на електрична енергија станува неопходно поради зголеменото производство од обновливи извори, особено фотоволтаици, кои создаваат вишоци и дебаланс во мрежата. Но, покрај стабилноста на системот, батериските складишта отвораат и нов профитабилен модел на заработка на енергетскиот пазар.

error: Содржината е заштитена од копирање !!