Филипче најави „нова сила“ во СДСМ: Утре се соопштува новото партиско раководство
15/12/2025 23:23
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ најави формирање нов партиски тим кој, како што рече, ќе донесе нова енергија и поинаков пристап во работењето на партијата. Одлуките за составот на новото раководство ќе бидат донесени на утрешната седница на Централниот одбор.
Филипче нагласи дека клучен принцип при изборот ќе биде балансирањето меѓу искуството и младите кадри, со цел СДСМ да се консолидира и подготви за наредниот политички период.
„Тоа ќе биде тим што ќе означи нова сила и нова енергија – комбинација од актуелни функционери, искусни луѓе и млади кадри. Генералниот секретар Александар Димитријевиќ ќе ја задржи функцијата, а еден од потпретседателите ќе биде кандидатот за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски. Останатите имиња ќе бидат соопштени утре“, изјави Филипче.
Тој посочи дека вклученоста во партиските процеси нема да зависи само од формалните функции, туку дека СДСМ активно работи на отворање кон младите, граѓанскиот сектор, интелектуалците и поширок круг политички и општествени чинители.
„Постои голем интерес за активно учество во една интензивна партиска работа што ќе започне веднаш по новогодишните празници, особено поради впечатокот дека демократските процеси се сериозно загрозени од актуелната власт“, истакна Филипче.
Како што нагласи, крајната цел е државата да се извлече од сегашната состојба и повторно да се насочи кон прогрес и европски интеграции. Во однос на програмата, Филипче рече дека таа е речиси целосно подготвена и ќе вклучува силна поддршка за младите, даночни олеснувања за млади претприемачи и ИТ секторот, како и воведување прогресивно оданочување.
„Потребни се средства за зголемување на платите во сите сектори, за минималната и просечната плата, како и фер раст на пензиите. Пензионерите денес се најпогодената категорија поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“, рече Филипче.





