Од утре СДСМ ќе има новото партиско раководство
15/12/2025 10:46
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека утре јавно ќе биде објавен составот на новото партиско раководство, откако на негово барање на почетокот на декември оставка поднесе целото дотогашно раководство на партијата.
Во изјава за централниот дневник на телевизија „Сител“, Филипче истакна дека списокот со новите имиња веќе е финализиран и дека станува збор за комбинација од искусни партиски кадри и помлади луѓе, со цел, како што рече, да се внесе нова енергија и динамика во партијата.
„Ќе се избере ново партиско раководство – нови потпретседатели и нови членови на Извршниот одбор. Тоа практично значи нова сила во СДСМ, составена од искусни и млади кадри“, изјави Филипче.
Тој додаде дека СДСМ ќе отвори „широк фронт“ за соработка со граѓаните, политичките чинители и граѓанскиот сектор, со цел, како што наведе, да се стави крај на, според него, криминалното владеење во земјата.
На 2 декември, по иницијатива на Филипче, целото партиско раководство на СДСМ поднесе оставка. Тогаш од партијата соопштија дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора простор за ново поглавје во функционирањето на партијата.
„Следува период на кадровско освежување, зајакнување на организацијата, вклучување нови лица и внатрешна мобилизација за нова енергија и посилна СДСМ“, беше наведено во тогашното соопштение на партијата.





