MKinformer

your daily dose of news

Јордановска прашува: Како осудуван за измама со животни ќе раководи со ЗОО Скопје?

16/12/2025 20:46

Новинарката Мери Јордановска во објава на својот Фејсбук профил отвора сериозни прашања околу изборот на Стево Ќирков (Стефан Кирков) за раководна позиција во институција која работи исклучиво со животни, Зоолошката градина Скопје, институција која веќе подолго време е оптоварена со скандали и нарушена доверба во јавноста.

Според напишаното, Ќирков во 2018 година со правосилна пресуда К бр. 1205/18 бил осуден на условна казна за кривично дело измама, поврзано токму со животни. Како што се наведува, тој измамувал граѓани продавајќи им кучиња по цена од 600 евра, при што ветувал педигре, но истиот никогаш не го доставувал.

Во самата пресуда, врз основа на сведоштва од Кинолошкиот сојуз, пренесени од оштетениот, било наведено дека истото лице било познато по вршење слични измами и кон други лица, што укажува на образец на однесување, а не на изолиран инцидент.

Иако, како што наведува Јордановска, поради поминато време оваа пресуда е избришана од казнената евиденција, тоа, како што потенцира таа, не значи дека делото не било сторено, ниту дека јавноста треба да го игнорира фактот при оценка на моралната и професионалната подобност на лицето.

Дополнително, во 2021 година, Ќирков одлежал три месеци затвор во КПУ Идризово, поради непокриени трошоци во друга судска постапка, што повторно го става во фокус неговиот интегритет.

Во својата објава, Јордановска поставува низа директни и непријатни прашања:

  • Како лице осудено за измама со животни ќе раководи со институција која се грижи за животни?

  • По сите досегашни скандали со ЗОО Скопје, дали токму ова лице е најсоодветниот избор за нејзино водство?

  • И најважно – дали во моментов против Ќирков се води нова постапка за друго кривично дело?

Во контекст на долгогодишните проблеми, угинување на животни, лоши услови и институционален хаос во ЗОО Скопје, овие прашања, како што посочува Јордановска, не се личен напад, туку прашање од јавен интерес, на кое надлежните институции сè уште не даваат јасен и транспарентен одговор.

Молкот на институциите, во вакви случаи, само дополнително ја продлабочува недовербата кај граѓаните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!