Буркина Фасо усвои закон за враќање на смртната казна за тешки кривични дела
17/12/2025 14:39
Советот на министри на Буркина Фасо донесе одлука за усвојување закон со кој повторно се воведува смртната казна, насочена кон најтешките кривични дела, меѓу кои предавство, тероризам и шпионажа, соопштија државните власти.
Министерот за правда, Едасо Родриге Бајала, во објава на социјалните мрежи наведе дека усвојувањето на законот е дел од пошироки реформи со цел воспоставување правен систем кој, како што истакна, ќе одговори на длабоките очекувања и аспирации на граѓаните.
Смртната казна во Буркина Фасо беше официјално укината во 2018 година, а новиот законски предлог сè уште треба да биде разгледан и усвоен од парламентот, како и да помине судска процедура пред да стапи во сила.
Од воениот удар во 2022 година, со кој армијата ја презеде власта, земјата спроведува серија длабоки политички и институционални промени. Меѓу нив се одложувањето на изборите што требаше да доведат до враќање на цивилното владеење, како и распуштањето на независната изборна комисија.
Во последните години, властите во Буркина Фасо значително го ограничија просторот за слободно медиумско делување. Радиостаниците на Би-Би-Си и „Гласот на Америка“ беа суспендирани поради известување за наводни масовни убиства на цивили од страна на вооружените сили, а претходно оваа година беа приведени и неколку истакнати новинари.
Земјата е дел од групата западноафрикански држави каде што војската ја презеде власта во изминатите години, користејќи го незадоволството на населението од безбедносната состојба и слабостите на поранешните демократски влади.
Воената управа се соочува со сериозни обвинувања за кршење на човековите права, вклучително и притворање на новинари и замолчување на критичките гласови.
Буркина Фасо, земја без излез на море со околу 23 милиони жители, е една од најпогодените држави од безбедносната криза во регионот Сахел. Последниве години таа е зафатена од жестоко насилство на екстремистички групи поврзани со Ал Каеда и Исламска држава.






