ДЕНОТ „Д“ ЗА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК
11/12/2024 11:09Денеска, 11 декември е долгоочекуваниот ден „Д“ за употребата, а со тоа и иднината на албанскиот јазик во Македонија. Една навидум, обична одлука на Уставнот суд предизвика лавина политички реакции на македонската политичка сцена, кои резултираат со постојани латентни закани дека „Албанците ќе излезат на протести низ целата земја“, доколку иницијативата пројде. Најгласни во тие „предвидувања“ се ДУИ како политичка партија, која се чини го злоупотребува овој уставно-правен чин, за свои политички цели и намери.
Иницијативите пред Уставен суд ги оспоруваат секој од 25 -те члена од Законот за јазиците, но и законот во целост, како и начинот на кој беше донесен. Додека ДУИ „стражари“, премиерот ја обвинува за етнички поделби, претседателката бара да се остави Уставен да си ја работи работата. Во медиумите протече информација дека законот како целина нема да падне пред Уставен. Што може да се очекува?
ДУИ „стражари за јазикот“ пред Уставен, премиерот вели „во среда нема ништо да се случи“. Во вака политички подгреана атмосфера во Северна Македонија се чека седницата на Уставниот суд на 11 декември на која ќе се разгледуваат иницијативите за оспорување на Законот за употреба на јазиците, кој беше изгласан во 2018 година.
Во 2019, кога всушност стапи на сила, законот беше оспорен со 12 иницијативи пред Уставен. Уставните судии ги споија во еден предмет кој е на дневен ред на утрешната седница.
Она што може да го направи Уставен е да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот или само за делови од него, времено да ја запре примената додека да донесе конечна одлука, но и да го прати во Собрние на доработка.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ден пред седницата повика партиските лидери да се возджат од коментари и да го остават Уставен да работи.
Во пресрет на седницата, во јавноста веќе протече и содржина на реферат за кој се тврди дека е од судијата известител кој наводно утре ќе се најде пред останатите уставни судии. Според него, не се предлага поведување постапка односно оценување на уставноста за целиот Закон за употреба на јазиците. Порталот „360 степени“, тврдејќи дека имал увид во рефератот, објави дека судијата известител предлага да се поведе постапка во која би се разгледувале само општи формулации во неколку члена од законот, во однос на симболите на парите и водењето на судските постапки.
Уставниот суд, пак, се огласи дека нема да ги коментира ниту медиумските објави ниту веродостојноста на документите.
Меѓу подносителите на 12-те иницијативи пред Уставен е и актуелната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, која во тоа време беше опозиција и жестокото се противеше на законот. Нејзиниот поранешен лидер и премиер Никола Груевски на тензична седница во Собранието кога се гласаше законот во март 2018, истураше чаша вода кон тогашниот спикер Талат Џафери и имаше и физички контакти.
Партијата Левица, здружението Светски македонски конгрес, Солза Грчева – национална координаторка за реформи во високото образование во актуелната Влада, универзитетските професори Тања Каракамишева-Јовановска и Јове Кекеновски, и уште десетина други физички лица се меѓу потписниците на одделните иницијативи што беа поднесени до Уставен.
Се оспоруваат сите 25 члена од Законот.
Законот за употреба на јазиците, како што и официјално е називот на овој правен акт, се состои од 25 члена. Со иницијативите се оспорува и самиот назив на законот бидејќи бил „непрецизен и создавал правна забуна“.
„Подносителите ја оспоруваат целината на Законот од аспект на Амандманот V од Уставот бидејќи ја проширувал уставната рамка дадена во овој амандман во врска со употребата на јазиците на немнозинските заедници и определувал еднаквост на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, со македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територија во Републиката и во нејзините меѓународни односи“, пишува во сумираниот извештај од Уставниот суд за тоа што се е предмет на оспорување во 12-те иницијативи.
Поединечно, се оспорува и секој од 25-те члена. На пример, првиот член се оспорува затоа што во делот каде е наведено „јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ во заграда конкретно е посочено „албански јазик“.
Протест пред Владата против Законот за јазици
Еден од аспектите што понатаму се оспорува, кој своевремено предизвика реакции и од меѓународната заедница и од Венецијанската комисија, е примената на законот во правосудните постапки.
Законот во членот 9 предвидува дека доколку судија, обвинител, странка или друг учесник зборува „јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ треба, покрај на македонски, судските постапки да се водат и на овој јазик. Според Законот за употреба на јазиците, необезбедувањето на превод на сите документи и материјали, како и симултан превод за време на правосудниот процесот „претставува суштинска повреда на постапка“.
Според подносителите, меѓу другото, со ова се повредува Уставот во делот каде е наведено дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е владеењето на правото.
За потсетување, за ова реагираше и Венецијанската комисија која во своето мислење препорача овие одредби од Законот за употреба на јазиците да се укинат бидејќи, меѓу останатото, ќе донесат сериозно повреди на правото на правично судење.
Комисијата во 2019 забележува и дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.






