Србија нареди итно повлекување на Aptamil AR1 по информациите за контаминација во Хрватска
18/12/2025 13:47
Министерството за здравство на Република Србија, соопшти дека по добиените информации дека формулата за доенчиња Aptamil AR1 е повлечена од пазарот во Хрватска поради можна контаминација со бактеријата Bacillus cereus, веднаш е издадена наредба за итно повлекување на сите производи од овој тип што се наоѓаат на домашниот пазар.
Повлекувањето се однесува и на производите кои веќе се купени од потрошувачите, како и на залихите во магацините на увозниците и дистрибутерите, со цел да се изврши лабораториска проверка за потенцијално присуство на бактеријата.
Според Министерството, се работи за пакување од 400 грама, произведено од Nutricia Export BV – Холандија, со рок на траење до 17.05.2026 година, и идентификациски број 111444865.
Одделот за гранична санитарна инспекција при Министерството за здравство спровел проверка за да утврди дали овој производ е увезен на пазарот на Република Србија. Инспекцијата, во соработка со Институтот за јавно здравје во Суботица, потврдила дека формулата е увезена на 9 јануари 2025 година.
Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH) вчера објави дека производот е повлечен од продажба поради зголемено присуство на бактеријата Bacillus cereus, која може да предизвика гастроинтестинални проблеми, особено кај доенчиња.
Министерството најави дека по добивањето на резултатите од анализите ќе биде издадено дополнително известување за безбедноста на производот.






