MKinformer

your daily dose of news

Coca-Cola повлекува производи од европските пазари поради високи нивоа на хлорат

28/01/2025 15:49

Американскиот прехранбен гигант Coca-Cola денес објави дека ги повлекува своите производи од неколку европски земји поради утврдени високи нивоа на хлорат, кои можат да претставуваат ризик за здравјето на потрошувачите.

Меѓу повлечените производи се Coca-Cola, Sprite, Fuze Tea и други пијалоци во лименки и стаклени шишиња. Фокусот на повлекувањето се ставен на Белгија, Луксембург и Холандија.

Одлуката следи по „рутинска проверка“ во фабриката на Coca-Cola во Гент, Белгија, која открила високи концентрации на хлорат. Хлоратот е нуспроизвод од распаѓањето на хемикалиите што се користат за дезинфекција на вода, а неговото присуство во храната е регулирано со ограничувања поради потенцијални здравствени ризици.

Европската агенција за безбедност на храната укажува дека долготрајната изложеност на хлорат може да има сериозни последици по здравјето, особено кај деца, вклучувајќи оштетување на тироидната жлезда и други проблеми со метаболизмот. Според нутриционистот Карон Гразет, високи нивоа на хлорат можат да предизвикаат гадење, повраќање, дијареа и да ја отежнат апсорпцијата на кислородот.

Coca-Cola Europacific Partners потврдија дека сериите на производи со високи нивоа на хлорат вклучуваат и други марки, како Minute Maid, Royal Bliss и Tropico, и дека производите биле дистрибуирани во Белгија, Холандија, Луксембург, Обединетото Кралство, Германија и Франција.

Иако француските власти ја оцениле ситуацијата како нискоризична и не добиле поплаки од потрошувачите, британскиот регулатор започнал истрага поради високото ниво на хлорат во овие производи.

Coca-Cola ги уверува потрошувачите дека соработуваат со надлежните органи на сите пазари на кои биле повлечени производите и дека продолжуваат со мониторинг на ситуацијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!