MKinformer

your daily dose of news

Нестле принуден да ја повлече бебешката формула поради присуство на смртоносни токсини

27/01/2026 11:49

Глобалното повлекување на формула за бебиња од пазарите во Европа и пошироко прераснува во сериозен здравствен аларм, откако француските власти истражуваат смрт на две бебиња кои, според првичните информации, консумирале формула погодена од повлекувањето поради контаминација со цереулид.

Формулата е поврзана со производството на Nestlé, а случајот дополнително ја зголеми загриженоста кај родителите и здравствените институции ширум Европа. Француското Министерство за здравство соопшти дека причинско-последична врска сè уште не е научно докажана, но истрагата е во тек.

Од „Нестле“ реагираа дека целосно соработуваат со властите и дека ги следат сите наоди „со целосна транспарентност“, нагласувајќи дека безбедноста на потрошувачите е приоритет.

Потврден случај во Белгија

Загриженоста дополнително се засили откако фламанската влада во Белгија потврди дека едно бебе сериозно се разболело во јануари 2026 година, откако консумирало контаминирана формула од серија опфатена со повлекувањето.

„Детето имаше повраќање и водена дијареја, но за среќа целосно се опорави по околу десет дена“, изјави портпаролот на белгиското Министерство за грижа, Јорис Муненс. Лабораториските анализи потврдиле дека болеста била предизвикана од цереулид присутен во млечниот производ.

Што е цереулид и зошто е опасен?

Цереулид е термостабилен токсин произведен од бактеријата Bacillus cereus. Тој може да се развие во храната и не се уништува со термичка обработка, што го прави особено опасен за доенчиња.

Најчестите симптоми се:

  • ненадејно повраќање

  • водена дијареја

  • симптоми што се јавуваат 30 минути до 3 часа по консумацијата

Кај бебињата, ваквите состојби можат брзо да доведат до дехидрација и сериозни компликации.

Потекло на контаминацијата

Контаминацијата е детектирана на почетокот на декември 2025 година, кога Nestlé France повлече формула произведена во фабриката во Нунспет, Холандија. Истрагата утврди дека изворот е кинески добавувач на масло од ARA (арахидонска киселина) – клучна состојка во премиум формулите за новороденчиња.

Француското Министерство за земјоделство соопшти дека од крајот на декември 2025 година, сите светски производители што користат ARA од истиот добавувач се обврзани да направат сопствена проценка на ризик и да ја потврдат безбедноста на готовите производи.

Широк импакт и зголемена контрола

Иако засега се потврдени ограничен број случаи, инцидентот отвора сериозни прашања за глобалните синџири на снабдување, контролата на суровините и безбедноста на храната за најранливите категории – новороденчињата.

Здравствените власти апелираат родителите внимателно да ги проверат сериите на формулите, да ги следат официјалните известувања и при најмал сомнеж веднаш да побараат лекарска помош.

error: Содржината е заштитена од копирање !!