Велика Британија се освести, нема да дава од руските замрзнати средства на Украина поради недостиг на поддршка од ЕУ
20/12/2025 12:43
Владата на Велика Британија се повлече од планот за експропријација на замрзнатите руски средства, откако Европската Унија не успеа да донесе заедничка одлука на вчерашниот состанок, пренесе „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на владин претставник.
– „Нема да го направиме ова без меѓународни партнери“, изјави функционерот, додавајќи дека Велика Британија ќе продолжи да соработува со Г7 и ЕУ за финансирање на Украина, според „Тасс“.
Претходно, британската влада разгледуваше можност да ѝ префрли на Украина 10,6 милијарди долари од руските средства замрзнати на британска територија.
„Фајненшл тајмс“ објави и дека гаранцијата за заем од 2 милијарди долари за Украина преку Светската банка ќе биде активирана во 2026 година, а Лондон останува посветен на обезбедување околу 4 милијарди долари годишно за украинска воена поддршка до 2030 година.
На Самитот на ЕУ што траеше 17 часа, членките не успеаја да добијат согласност од Белгија за исплата на 180 милијарди долари од средствата на Руската централна банка за Украина. Сепак, беше договорено ЕУ во следните две години да обезбеди финансиски пакет од 90 милијарди евра за Киев.






