Измама во Скопје: 77-годишна жена оштетена за 150.000 денари од лажен „доктор“
20/12/2025 18:21
Жртвата поверувала дека нејзината ќерка итно мора да биде оперирана, па ги оставила парите на договорено место.
На 19.12.2025 година во 13:40 часот во СВР Скопје, 77-годишна жена од Скопје пријавила дека истиот ден била измамена од непознато машко лице за сума од 150.000 денари.
Според пријавеното, лицето ја контактирало телефонски, претставувајќи се како доктор, и ѝ соопштило дека нејзината ќерка мора итно да биде оперирана, откако наводно паднала и се повредила додека ги шетала кучињата.
Како што било пријавено, жената, во страв и паника за здравјето на своето дете, ги оставила парите на претходно договорено место.
Подоцна, откако стапила во контакт со својата ќерка, сфатила дека станува збор за класична телефонска измама.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и апелираат граѓаните, особено повозрасните лица, да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви повици.






