MKinformer

your daily dose of news

Д-р Беќаровски со песна „Скопскиот смог“ го опиша зимското загадување во главниот град

20/12/2025 12:02

Д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, познат по своите јавни апели и совети за заштита од загадениот воздух, повторно проговори за состојбата со аерозагадувањето во Скопје. Наместо обична објава, овој пат тој на својот фејсбук профил сподели песна со музичка придружба, посветена на долгогодишниот зимски проблем на главниот град.

Песната, насловена „Скопскиот смог“, го опишува повторливиот циклус на високо загадување, неславните рекорди на Скопје и апатијата поради немањето трајно решение.

Песната „Скопскиот смог“ гласи:

**Уште една ноќ градот во смог ќе се гуши,
уште една ноќ Скопје неславни рекорди ќе руши.

Прв, втор или трет најзагаден град пак сме ние,
каде да се бега, каде да се слета,
каде гнездо да се свие.

И така поминува секоја зима,
стално е крива скопската клима
лажат дека решение брзо ќе има
ама сепак нешто повторно не штима.

А во градите скопски смогот се повеќе тежи
на ренгенологот од сликата косата му се ежи
во секој од нас опасниот отров длабоко се врежи
место на работа, школо, секој трет дома болен лежи.

И така ќе помине уште една зима
пак ќе биде крива скопската клима
ќе лажат дека решение набрзо ќе има
сепак на крај пак ништо нема да штима.**

Објавата веднаш привлече внимание на социјалните мрежи, каде многумина се пронајдоа во стиховите што ја отсликуваат реалноста на скопската зима.

error: Содржината е заштитена од копирање !!