Од јануари поскапуваат сметките за струја
23/12/2025 20:26
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, истакна дека најголемиот дел од домаќинствата во државата – околу 64 проценти или повеќе од 517.000 – ја трошат електричната енергија исклучиво во првиот тарифен блок.
За околу 170.000 домаќинства кои ќе влезат и во вториот блок, месечното зголемување на сметките ќе изнесува околу 70 денари. Кај 14.000 домаќинства што трошат и во третиот блок, зголемувањето ќе биде приближно 370 денари, додека за околу 4.400 корисници кои влегуваат и во четвртиот блок, поскапувањето ќе достигне околу 900 денари месечно.
Бислимоски нагласи дека фиксниот надоместок од 200 денари ќе остане дел од сметките и нема да биде укинат, бидејќи анализите покажале дека во спротивно зголемувањето на цените би било уште поголемо.
– „Доколку се укине надоместокот од 200 денари, првиот блок ќе се зголеми за дополнителни 8,46 проценти, вториот за 7,19 проценти, третиот за 5,77 проценти, четвртиот за 2,69 проценти, а евтината струја за 13,51 проценти“, објасни Бислимоски.
Регулаторната комисија оцени дека ЕВН Хоум го применил тарифниот систем, но не бил целосно почитуван клучниот регулаторен принцип – балансирање на интересите меѓу енергетските компании и потрошувачите.
Како што посочи Бислимоски, при носењето на одлуките особено се внимава потрошувачите да бидат заштитени од ценовен шок и нагли зголемувања на трошоците за електрична енергија.



![Ново поскапување преку скалесто плаќање на струјата struja-1-640x427[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/struja-1-640x4271-1.jpg)


