Марко Бислимоски поднесе оставка од РКЕ – без образложение за повлекувањето
12/02/2026 16:00
Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка од функцијата што ја извршуваше од јуни 2018 година.
Како што објави Дојче веле, Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од позицијата. Во оставката не се наведени причините за одлуката, а ниту тој, ниту неговите соработници засега не ја коментираат.
Бислимоски беше во втор петгодишен мандат, кој требаше да заврши во јуни 2028 година.
Кривична пријава од Финансиската полиција
Пред нешто повеќе од две недели, Управа за финансиска полиција (УФП) поднесе кривична пријава против Бислимоски, сомничејќи го за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата поднесена на 29 јануари, тој наводно не постапил согласно Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако, како што се наведува, не ги исполнувала условите за трговија со нафта и нафтени деривати.
Лиценцата, според наводите, требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината, а одземањето се случило дури во април 2025 година. Во меѓувреме, компанијата наводно остварила промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229 илјади евра.
Бислимоски: „Ќе докажеме дека нема прекршување“
На прес-конференција, Бислимоски изјави дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции со цел да докаже дека во постапката не било направено никакво прекршување на законската регулатива.
„Во наредниот период ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде нарушено моето име. Цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека немало прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави тој.
Засега останува нејасно дали оставката е поврзана со кривичната пријава или станува збор за друга причина.






