Почина Васил Рингов – македонската фудбалска легенда замина на 70 години
23/12/2025 20:56
Македонскиот фудбал денеска тагува. По кратко боледување, на 70-годишна возраст почина Васил Рингов, едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот и поранешниот југословенски фудбал, објави „Слободен печат“.
Рингов беше поранешен македонски и југословенски репрезентативец, а најголем белег во кариерата остави како фудбалер на ФК Вардар. Во црвено-црниот дрес одигра над 200 натпревари и постигна 93 гола, со што трајно се запиша меѓу најзначајните имиња во историјата на клубот.
Во својата богата кариера настапуваше и за Партизан, Динамо Загреб и германскиот Ајнтрахт Брауншвајг. На домашната сцена ги носеше и дресовите на Тетекс и Беласица, клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори.
Со заминувањето на Васил Рингов, македонскиот фудбал загуби голем играч, репрезентативец и вистинска спортска легенда. Неговиот придонес, професионализам и име ќе останат трајно врежани во спортската историја.
Искрено сочувство до семејството, блиските и целата фудбалска јавност.






