(ВИДЕО) Тепачка во турскиот парламент по расправија за Ататурк
23/12/2025 6:37
Пратеници од владејачката партија и опозицијата влегоа во физичка пресметка во Големото национално собрание на Турција, по жесток спор околу наследството на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, јавуваат регионалните медиуми.
Инцидентот се случил вчера за време на напната дебата за предлог-буџетот за 2026 година, кога вербалните конфронтации меѓу пратениците прераснале во туркање и размена на удари. Судирот траел околу десет минути, додека обезбедувањето и дел од пратениците се обидувале да ја смират ситуацијата.
Спорот започнал откако пратеникот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Мустафа Варанк, упатил критики кон лидерот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), Озгур Озел. На ова реагирал заменик-претседателот на пратеничката група на ЦХП, Ѓокхан Ѓунајдн, кој од говорницата ја обвини АКП дека намерно отвора чувствителни теми за време на буџетските расправи.
Дебатата дополнително се вжештила со меѓусебни обвинувања поврзани со толкувањето на улогата и наследството на Ататурк, по што следувала физичка пресметка меѓу дел од пратениците.
И покрај инцидентот, парламентот продолжи со работа. Нацрт-буџетот за 2026 година беше усвоен со 320 гласа „за“ и 249 „против“, додека законот за конечниот финансиски извештај за 2024 година доби поддршка од 316 пратеници, наспроти 247 против.
По гласањето, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја поздрави одлуката на парламентот. Во објава на социјалната мрежа Х, тој изрази надеж дека усвоениот буџет ќе биде од корист за Турција, нејзините граѓани и економијата.
Bu akşam Türkiye Büyük Millet Meclisimizde kabul edilen 2026 Yılı Merkezî Yönetim Bütçe Kanunu Teklifi’nin ülkemiz, milletimiz ve ekonomimiz için hayırlara vesile olmasını diliyorum.
Bu süreçte yoğun bir mesai harcayan Gazi Meclisimize ve milletvekillerimize teşekkür ediyorum.…
— Recep Tayyip Erdoğan (@RTErdogan) December 21, 2025






