MKinformer

your daily dose of news

Палевски поднесе жалба до Апелација: бара ослободување или повторно судење

24/12/2025 23:06

Осудениот на доживотен затвор Љупчо Палевски, познат како Палчо, преку својот бранител поднел жалба до Апелациониот суд во Скопје, со која бара укинување на пресудата и негово ослободување или, алтернативно, повторување на судската постапка.

Неговиот адвокат, Јовица Страшевски, во жалбата наведува дека во првостепената постапка биле сторени сериозни суштински повреди на кривичната постапка, кои, според него, директно влијаеле врз законитоста на донесената пресуда.

„Утврдивме повеќе суштински процесни пропусти. Дел од доказите што се наведуваат во пресудата воопшто не биле изведени на главната расправа. Има ситуации каде што еден доказ се побива со исказ на обвинет, а според законот, исказот на обвинетиот не може да се третира како доказ“, изјави Страшевски.

Тој појасни дека поради кратките рокови за поднесување жалба, одбраната побарала одржување јавна седница пред Апелациониот суд, на која детално ќе ги образложи забележаните неправилности.

„Нашето барање е јасно – или повторување на судењето, или донесување ослободителна пресуда“, додаде адвокатот.

Предметот е распределен кај судијата Ѓоко Ристов, а жалбата е доставена и на мислење до Вишото јавно обвинителство. Од Апелациониот суд се очекува во наредниот период да закаже јавна седница, на која ќе се одлучува дали првостепената пресуда ќе биде потврдена, укината или изменета.

error: Содржината е заштитена од копирање !!