Палевски и соучесниците поднесоа жалби на доживотните казни, бараат укинување на пресудата и ново судење
29/12/2025 23:06
Палевски и соучесниците поднесоа жалби на доживотните казни, бараат укинување на пресудата и ново судење
Неправосилно осудениот Љупчо Палевски и тројцата соучесници во грабнувањата и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, поднеле жалби против изречените доживотни затворски казни.
Како што дознава МК ИНФОРМЕР, осудените од Апелациониот суд Скопје не бараат ослободителни пресуди, туку укинување на првостепената пресуда и враќање на постапката од почеток, пред Основниот кривичен суд Скопје.
Судија-известител за предметот во Скопска апелација е Ѓоко Ристов, кој потврдува дека предметот веќе е доставен во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје на мислење.
„Предметот е во ВЈО Скопје и веднаш по добивањето на мислењето ќе биде закажана расправа“, изјави судијата Ристов, додавајќи дека засега не е запознаен со деталите од поднесените жалби.
За кривичните дела грабнување и две свирепи убиства, судијата Ивица Стефановски во првостепената постапка им изрече на сите четворица обвинети по 10 години затвор за грабнувањата, како и доживотен затвор за убиствата. Освен Палевски, доживотни казни добија и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, беше ослободен од обвинението, а Обвинителството поднесе жалба и на таа одлука.
Детали од пресудата
Во образложението, судијата Стефановски наведе дека на 27 ноември 2023 година, по насока на Палевски, Манев и Видевски ја грабнале Вања со намера да изнудат пари од член на семејството. Детето било совладано пред лифтот, ставено во вреќа за спиење, врзано и сместено во гепекот на возилото на Панче Жежовски.
По инструкции на Палевски, Вања била однесена на локацијата Дупки кај Бразда, каде што, изложена на тешко психичко страдање, била убиена со куршум кој ѝ поминал низ мозокот.
Претходно, на 22 ноември 2023 година, на идентичен начин бил грабнат и Панче Жежовски, кој бил однесен на локацијата Рудник над Велес, каде што Палевски го усмртил со еден куршум во главата.
Во двата случаи, Влатко Кешишев имал улога на возач, логистика и стража.
Апелациониот суд Скопје допрва треба да одлучува дали ќе ја потврди пресудата или ќе ја укине и предметот ќе го врати на повторно судење.





