ИПАРД 3 суспендирана до 2027 година по корупциски скандал
24/12/2025 16:22
Програмата ИПАРД 3 за Македонија е привремено суспендирана поради сериозен корупциски скандал во кој се инволвирани поранешниот директор на Платежната агенција Илија Стоилев, како и неколку државни службеници од Министерство за земјоделие и Управа за јавни приходи.
Европска комисија за порталот „Зелена берза“ потврди дека се стопирани исплатите кон корисниците од третиот квартал на 2025 година, но нагласи дека не станува збор за целосно укинување на програмата, туку за привремена мерка што важи до 2027 година.
Вкупната вредност на ИПАРД 3 изнесува 97 милиони евра европски средства и 31 милион евра национално кофинансирање, а периодот за имплементација трае од 2023 до 31 декември 2030 година.
Во писмениот одговор на Европската комисија, доставен до „Независен“, се наведува дека Националниот службеник за овластување (НАО) на Македонија на 7 ноември 2025 година донел одлука за суспендирање на сите плаќања во рамки на ИПАРД 3 (2021–2027) до понатамошно известување.
„Како стандардна превентивна мерка, Комисијата одлучи да го прекине последното барање за плаќање за третиот квартал од 2025 година. Оваа одлука не значи суспензија на целокупната ИПАРД 3 програма“, наведуваат од ЕК.
Од Европската комисија посочуваат дека се запознаени со истражните постапки што ги водат македонските институции по сомневањата за корупција во рамките на ИПАРД структурите и бараат сериозен и одговорен пристап.
„Бидејќи станува збор за средства на даночните обврзници на Европската Унија, очекуваме властите во Македонија овој случај да го третираат со највисоко ниво на одговорност“, порачуваат од ЕК.
Важно за земјоделците, според Комисијата, е тоа што поддршката за македонското земјоделство не е укината. Брисел најавува континуирана комуникација со националните институции и подготвеност за продолжување на финансиската поддршка, но само доколку финансиските интереси на ЕУ бидат целосно заштитени.
Корупцискиот скандал и понатаму предизвикува сериозна загриженост кај фирмите и земјоделските стопанства кои веќе добиле или очекувале средства од ИПАРД 3. Уште во ноември, веднаш по избивањето на аферата, беа стопирани исплатите за 15 корисници во вкупен износ од 400 илјади евра, потврдија од Министерството за финансии.
Само неколку дена претходно, Министерството за земјоделие соопшти дека опозицијата ја манипулира јавноста и дека Европската комисија нема донесено одлука за суспензија на ИПАРД 3, тврдење кое денеска добива поинаков контекст со официјалната потврда од Брисел.






