MKinformer

your daily dose of news

Граѓани бараат референдум и дислокација на „Усје“: Загадувањето е алармантно, нема време за чекање

25/12/2025 22:21

Граѓанин на возраст од 61 година, кој живее во непосредна близина на цементарницата „Усје“, вечерва од протест упати јавен апел за масовно граѓанско вклучување и иницирање референдум за дислокација на фабриката. Тој порача дека состојбата со загадувањето е сериозна и дека повеќе не смее да се губи време со празни ветувања и одложувања.

Протестот, кој е најавен како мирен, но решителен, е организиран со барање за итна дислокација на цементарницата, со цел заштита на јавното здравје, а особено на здравјето на децата кои живеат во околните населби.

Од граѓанската иницијатива ја поздравија одлуката на Град Скопје да го откаже огнометот за централната новогодишна прослава поради загадениот воздух, оценувајќи ја како редок, но правилен чекор. Сепак, тие порачаа дека симболичните мерки не се доволни и побараа институциите конечно да преземат конкретни и трајни решенија за проблемот со загадувањето.

Активистите информираа дека во изминатите месеци спровеле детално истражување за работењето на фабриката „Усје“, при што, како што тврдат, откриле сериозни индиции за проблеми кои не се изолирани, туку се повторуваат и во други погони на истата компанија ширум светот.

„Она до што стигнавме како заклучок е дека ‘Титан’ е интернационална компанија која не првпат се соочува со вакви проблеми. Слични случаи има и во Америка и во Египет. Станува збор за мафија која наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави. Ова е странски капитал и директори кои директно ги трујат нашите деца“, изјави активистот Петар Керамитчиев.

Граѓаните испратија јасна порака дека, доколку институциите продолжат да молчат и да не реагираат, протестите ќе стануваат сè помасовни и порадикални, сè додека не се донесе конкретна одлука за дислокација на фабриката и трајно решавање на проблемот со загадувањето.

error: Содржината е заштитена од копирање !!