MKinformer

your daily dose of news

„Блокадафест“ пред Цементарница Усје: Осумчасовен протест за чист воздух со музичка поддршка

26/02/2026 12:52

Иницијативата „Стоп за Усје“ ја објави програмата за утрешниот „Блокадафест“, кој ќе се одржи од 15:00 до 23:00 часот пред влезот на Цементарница Усје во Скопје. Настанот е најавен како осумчасовен протест исполнет со музика, пораки и граѓанска солидарност, со цел притисок врз институциите и менаџментот на фабриката за, како што велат организаторите, заштита на уставно загарантираното право на чист воздух.

„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката“, се наведува во најавата, во која се истакнува дека сите настапи ќе бидат волонтерски.

На „Блокадафест“ ќе настапат:
Александар Јорданов, Чваре, Ендрју Мелер, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата вода, Базел, Емили Нас, Дина Јашари, Член 164, Зарина Првасевда и Корка.

Од иницијативата велат дека поддршката од музичарите покажува дека не станува збор за изолиран протест, туку за „заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“.

„‘Блокадафест’ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се наведува во соопштението.

Иницијативата и претходно ги истакнуваше своите барања, тврдејќи дека институциите остануваат глуви на апелите. Меѓу клучните барања се: ставање во функција на мерната станица во Кисела Вода, инсталирање автоматски CEMS систем за континуирано мерење на емисиите од оџаците, премин кон почисти енергенси како природен гас или водород, ревизија на мерките за прогласување вонредна еко-состојба, усогласување на граничните вредности со препораките на Светската здравствена организација и акредитација на државната лабораторија за мерење на загадувањето.

Со „Блокадафест“, организаторите порачуваат дека протестот може да биде и културен настан, но и силна порака дека граѓаните нема да се откажат од барањето за почиста животна средина.

One thought on “„Блокадафест“ пред Цементарница Усје: Осумчасовен протест за чист воздух со музичка поддршка

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!