Деспотовски возврати на СДСМ: Со една одлука не можете да избришете 30 години работа и жртва
28/12/2025 12:44
Откако СДСМ денеска преку соопштение најави дека ќе започне постапка за исклучување на својот член Јован Деспотовски, обвинувајќи го дека „ја продал партијата за пари“ и дека дејствувал како „петтоколонаш“, со јавна реакција се огласи и самиот Деспотовски.
Во објава на социјалните мрежи, тој истакна дека по 30 години политички ангажман не очекувал токму неговата матична партија да го остави, како што наведува, „целосно без зборови и коментар“.
„Во сите мои јавни настапи сум бил максимално умерен, дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став. Ако таа умереност денес станува закана за актуелниот партиски врв, тогаш СДСМ има многу поголем проблем отколку што и самата мисли“, напиша Деспотовски.
Тој додава дека партијата низ својата историја имала и ќе има „многу поголеми личности од актуелниот претседател“, нагласувајќи дека никој од нив никогаш не се ставил над партијата и над, како што вели, „нашето семејство“.
„Тоа не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде. Една лична порака за крај или за почеток – Венко Филипче, со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва“, стои во пораката на Деспотовски.
Инаку, Деспотовски доаѓа од општинската организација на СДСМ во Карпош и беше противкандидат на Филипче на последните внатрепартиски избори, по кои беше избран актуелниот претседател на партијата.
Најавата за негово можно исклучување дополнително ги отвори внатрепартиските тензии во СДСМ, кои во изминатиот период сè почесто излегуваат во јавноста.






