Почина двегодишното дете тешко повредено за новогодишната ноќ во Скопје
02/01/2026 11:29
Утрово на скопските клиники почина двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ, откако, според првичните информации, било погодено од заталкан куршум додека гледало огномет.
Детето најпрвин било згрижено во Градска општа болница Скопје, а поради сериозноста на повредите итно било префрлено на Клиника за детска хирургија. Лекарските екипи констатирале тешка, животозагрозувачка состојба и преземале интензивни мерки за лекување.
И покрај постојаната медицинска грижа и надзор, состојбата на детето останала критична, а утрово лекарите ја констатирале смртта.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно информираше дека станува збор за еден од најсериозните инциденти за време на новогодишната ноќ. Тој наведе дека повредата е предизвикана од метален фрагмент, а сите околности под кои настанал случајот се предмет на истрага.
Од Министерство за внатрешни работи најавија дека ќе преземат соодветни мерки за целосно расчистување на настанот и утврдување на одговорност.






