АМСМ: Патот кон ХЕЦ „Козјак“ затворен поради голомразица, Дебар–Маврово прооден
03/01/2026 10:47
Од АМСМ утрово информираат дека патниот правец кон ХЕЦ „Козјак“ е непрооден поради појава на голомразица, поради што апелираат возачите да не се упатуваат во овој дел од државата.
Во исто време, сообраќајот на регионалниот пат Дебар – Маврово е нормализиран и се одвива без поголеми потешкотии. На останатите државни патишта, сообраќајот се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патните правци што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои зголемен ризик од одрони.
Како критични делници се издвојуваат патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.






