MKinformer

your daily dose of news

Вардар се излеа кај Форино, затворен патот Гостивар–Чегране, снег на повеќе премини

18/02/2026 9:24

Поради излевање на реката Вардар од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране, поточно во делот кај селото Форино. Сообраќајот се пренасочува преку селото Старо Чајле кон Форино, информираат од Авто мото сојуз на Македонија (АМСМ) во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.

Дополнително, патот кон селото Герман е блокиран кај селото Станча поради паднато дрво и моментално не е прооден.

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива по влажни коловози. Слаб снег утрово е регистриран на делниците Крива Паланка – Граничен премин Деве Баир, кај Граничен премин Делчево, Страцин и на Пониква, но засега не претставува пречка за нормално одвивање на сообраќајот.

Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, да ја почитуваат поставената сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите каде постои ризик од одрони. Ова особено се однесува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Во сила останува и законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!