Русија бара објаснување од САД за наводното изнесување на Мадуро од Венецуела
03/01/2026 16:10
Руските власти изразија сериозна загриженост поради информациите дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга наводно биле насилно изнесени од земјата за време на операција спроведена од американските сили, повикувајќи го Вашингтон јавно да појасни каде се наоѓаат.
Во соопштение објавено од Министерство за надворешни работи на Русија, се наведува дека Москва бара итно разјаснување на околностите и последиците од настанот, доколку ваквата операција навистина се случила.
„Доколку овие наводи се точни, станува збор за грубо и неприфатливо кршење на суверенитетот на една независна држава“, се посочува во реакцијата, со нагласување дека почитувањето на државниот суверенитет претставува еден од темелните принципи на меѓународното право.
Од Москва предупредуваат дека вакви дејствија можат дополнително да ја дестабилизираат ситуацијата во регионот и да предизвикаат сериозни меѓународни последици, поради што од Соединетите Американски Држави се очекува транспарентен и официјален одговор.
Засега, од американска страна нема јавно соопштение што директно ги потврдува или демантира овие тврдења.






