Владата најавува повисоки казни за маркетите што ги кршат правилата за трговија
04/01/2026 18:46
🛒 Повисоки казни за маркетите што кршат правила: Владата најавува законски измени
Предупредувањата завршуваат – следуваат казни. Владата најави дека во првиот квартал од годинава ќе предложи законски измени со кои значително ќе се зголемат глобите за трговските ланци што ги кршат правилата за нефер трговија и ја злоупотребуваат својата пазарна позиција.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека сегашната максимална казна од 20 илјади евра очигледно не дала резултат и не ги спречила злоупотребите.
„Одредени трговски ланци водат бизнис исклучиво за сопствен профит, на директна штета на граѓаните. Државата ќе одговори жестоко“, порача премиерот.
Сомнежи за картелско здружување
Мицкоски не откри дали трите маркети кои, според неговите зборови, се соочуваат со високи казни, се дел од субјектите за кои постојат сомнежи за картелско здружување. Тој ја обвини претходната власт дека за ваквите појави знаела, но ги толерирала.
Според него, актуелната Влада веќе ги процесуира овие случаи преку надлежните институции.
Институциите на терен
Државен пазарен инспекторат и Комисија за заштита на конкуренцијата спроведуваат анализи на работењето на повеќе трговски ланци, со цел да утврдат дали постои договарање на цени и злоупотреба на пазарната моќ.
Паралелно, Министерство за економија врши споредбена анализа на цените меѓу крајот на минатата и почетокот на оваа година. Доколку се потврдат неоправдани поскапувања или, како што велат надлежните, „девијантно пазарно однесување“, ќе следуваат конкретни санкции.
Законските измени пред пратениците
Од Владата најавуваат дека измените со значително повисоки казни наскоро ќе се најдат на дневен ред пред пратениците, со цел да се зајакне заштитата на потрошувачите и да се стави крај на долгогодишните злоупотреби во трговијата.






