MKinformer

your daily dose of news

Бадникови поворки денеска во над 80 места во Македонија

06/01/2026 12:30

Во организација на Здружението Бадникови поворки, денеска се одржува традиционалната Бадникова манифестација во повеќе од 80 градови и населени места низ Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави.

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе ги обедини учесниците од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и годинава активно се вклучени во организацијата и поддршката на настанот.

Во претпладневните часови, градоначалниците и општинските тимови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, по што со организиран превоз децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во главниот град.

Формирањето на централната поворка е закажано пред Музеј на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот, каде што сите деца кои немаат божикна ѕвезда ќе добијат бесплатна ѕвездичка, а сите учесници и уметнички магнет со божикна порака – симболичен спомен од Бадникови поворки 2026.

За децата од Општина Кисела Вода, собирот е закажан во 11:15 часот кај локацијата „Рампа“, по што учесниците заеднички ќе се упатат кон Музејот на Град Скопје и ќе се приклучат на поворката.

Точно напладне, во 12:00 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на Плоштад Македонија, пред сцената кај Божикната пештера.

По пристигнувањето, ќе следува „Божикната авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо со над 40 музичари, пејачи и актери, меѓу кои и учесници од Златно славејче. Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Христовото Рождество.

Традиционално, дел од децата и младите од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката Гордана Силјановска-Давкова, кај архиепископот г.г. Стефан, како и кај градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.

Од Здружението информираат дека учеството е слободно и без претходна пријава, а ги повикуваат сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026.

Бадниковите поворки веќе 16 години претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко.
Манифестацијата е поддржана од Министерство за култура и Град Скопје.

error: Содржината е заштитена од копирање !!