Г.Г. Стефан ги благослови учесниците на Бадникови поворки
06/01/2026 17:18
Дел од учесниците на Бадникови поворки 2026 претпладнево традиционално остварија свечена средба со г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, во Соборен храм Свети Климент Охридски во Скопје.
Во храмот, децата и младите ја испеаја песната „Вечниот Бог“, со која симболично ја најавија радосната вест за Христовото Рождество, во духот на вековната православна традиција.
Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше најмладите со архипастирски благослов и пригодни подароци, испраќајќи порака за верата, љубовта и духовната радост – вредности што Бадниковите поворки ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години.
Од редовите на организаторите посочуваат дека средбата уште еднаш ја потврдила силната врска меѓу духовното наследство, народната традиција и новите генерации, кои преку ваквите настани растат со чувството за заедништво и припадност.
Посетата кај Архиепископот претставува духовен вовед во централната Бадникова манифестација, која денеска се одржува на Плоштад Македонија во Скопје, како и во уште 80 градови и населени места низ земјава и во македонската дијаспора.
Почетната точка на најголемата Бадникова поворка во Скопје е Музеј на Град Скопје, од каде што точно во 12:00 часот поворката ќе тргне кон плоштадот. Пред почетокот, на оваа локација бесплатно ќе се делат божикни ѕвезди и уметнички магнети, како симболичен подарок за секое дете и семејство.






