MKinformer

your daily dose of news

Скопјанка уапсена за измами со лажни огласи во Тетово

08/01/2026 12:03

Полициски службеници од СВР Тетово, во координација со СВР Скопје и Министерство за внатрешни работи, расчистија три кривични дела „измама“ и едно дело „измама“ во обид, извршени на подрачјето на Тетово.

Во рамки на акцијата, на 7 јануари 2026 година, во Скопје од слобода е лишена А.Ј. (23) од Скопје. Според информациите од полицијата, осомничената преку социјални мрежи објавувала лажни огласи за издавање станови под наем во Тетово, по што телефонски ги убедувала оштетените лица да уплатат пари на банкарска сметка или да ги испратат средствата во коверт преку возач на автобус кон Скопје.

На овој начин, таа успеала да измами повеќе лица, а дополнително е евидентирана и измама при уплата за наводна резервација во хотел во Охрид.

Во еден од случаите, по контакт со трето лице од Тетово, оштетениот ја пријавил ситуацијата во полиција. По претходен договор и во координација со Единицата за економски криминал, преку автобуски превоз било испратено празно плико, по што осомничената била лишена од слобода во моментот кога дошла да го преземе пликото.

Осомничената е задржана во полициска станица, а по целосно документирање на случаите против неа ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од полицијата апелираат граѓаните да бидат внимателни при онлајн огласи за изнајмување и да не уплаќаат средства без претходна проверка.

error: Содржината е заштитена од копирање !!