Македонија вечерва против Данска на стартот на ЕП: „Ќе се бориме 60 минути“
16/01/2026 14:19
Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20:30 часот во Хернинг ќе го одигра првиот натпревар од Б-групата на Европско првенство во ракомет, против еден од домаќините и прв фаворит за златниот медал, селекцијата на Данска.
Во пресрет на стартниот дуел на шампионатот, своите очекувања ги сподели капитенот на Македонија, Филип Кузмановски, кој потенцира дека и покрај тешката група, тимот ќе игра со срце за државата.
„Имаме тешка група, но играме и се бориме за Македонија. Ние сме млад тим и имаме што да докажеме. Долго време сме заедно, овој состав игра на вакви турнири три-четири години и тоа е нашата сила. Ќе играме пред полна сала и тоа е дополнителна мотивација. Данска е фаворит за титулата, но ќе се бориме 60 минути. Нашиот фокус ќе биде одбраната, без неа не можеме да победуваме“, изјави Кузмановски.
Респект кон македонската селекција покажа и една од најголемите ѕвезди на Данска, Матијас Гидсел, кој истакна дека ваквите натпревари никогаш не се лесни.
„Репрезентации како Македонија секогаш го прават натпреварот тежок. Играат многу физички. Нашата цел е да задржиме висок интензитет, да играме побрз ракомет и да не влегуваме во премногу дуели. За нас е важно прво да ја почувствуваме атмосферата и да ја тргнеме почетната нервоза“, изјави Гидсел.
Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, исто така говореше со респект, но и со јасна самодоверба пред дуелот.
„Македонија има млад тим. Ние сме фаворити и тоа го знаеме, но првиот натпревар секогаш е специфичен. Знаеме дека за титулата ќе ни бидат потребни девет победи, а првата мора да ја оствариме против Македонија“, изјави Јакобсен.
Македонија влегува во шампионатот без притисок, но со јасна желба да се надигрува и да остави силен впечаток против најсилните европски селекции.






