MKinformer

your daily dose of news

Лина Ѓорческа пред историскиот настап на Вимблдон: Ќе играм против шестата носителка Аманда Анисимова

29/06/2026 8:57

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа, по трите победи во квалификациите на Вимблдон, се подготвува за својот прв Гренд слем меч во главната фаза на турнирот.

Ѓорческа во првото коло ќе игра против Аманда Анисимова од САД, која на годинашниот турнир е рангирана како шеста носителка.

Ѓорческа задоволна од квалификациите

Македонската тенисерка истакна дека квалификациите поминале одлично и дека долго време верувала дека е блиску до ваков резултат.

„Квалификациите минаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум блиску, а треба и да се склопат коцките за да биде совршено“, изјави Ѓорческа.

Таа додаде дека секој меч бил тежок, бидејќи тенисерките што настапуваат во квалификациите се меѓу 200-те најдобри во светот во еден од најмасовните спортови.

„Последниот меч го одиграв одлично“

Ѓорческа посочи дека би го издвоила вториот меч против Франциска Жорге, но особено е задоволна од настапот во последниот квалификациски дуел.

„Последниот меч го одиграв одлично, загубив само три гема и навистина сум среќна, пред сè со тоа како се носев за време на мечот“, рече таа.

Противничка е Аманда Анисимова

Во првото коло од главниот турнир, Ѓорческа ќе се соочи со Аманда Анисимова.

„За мојата противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка. Мојата единствена цел е да го одиграм своето“, порача македонската тенисерка.

Таа додаде дека мечот ќе се игра во вторник и дека, поради статусот на Анисимова како шеста носителка, дуелот ќе биде на еден од главните терени.

„Се надевам дека ќе биде интересен меч. Гледајте и навивајте од дома“, порача Ѓорческа.

Освоени 40 поени по квалификациите

Ѓорческа е во групата од 16 тенисерки што успешно ги минаа квалификациите на Вимблдон.

Меѓу нив се Марија Тимофеева, Ешлин Кругер, Алина Корнеева, Робин Монтгомери, Леолиа Жанжан, Анастасија Гасанова, Клари Ли, Тајра Грант, Мананшаја Савангкаев, Полина Кудерметова, Мариам Болкувадзе, Ирина Шиманович, Кајла Деј, Бијанка Андреску и Теодора Костовиќ.

Сите тенисерки кои ги минаа квалификациите имаат освоени по 40 поени.

error: Содржината е заштитена од копирање !!