СДСМ жестоко против лидерската средба: Кој ќе оди кај Мицкоски е соучесник во криминал и изолација
14/01/2026 9:54
СДСМ со остро соопштение реагираше на најавената лидерска средба свикана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која како главна тема се најавува укинување на техничката, односно пржинската влада.
Од СДСМ порачаа дека сите политички субјекти кои ќе учествуваат на средбата стануваат, како што наведуваат, „соучесници“ во повеќе, според нив, опасни процеси за државата. Во партиското соопштение се наведува дека присуството на состанокот значи легитимирање на „криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ“, поддршка на „анти-ЕУ кампањата на власта“ и учество во план за предвремени избори без гаранции за фер и демократски услови.
Дополнително, од СДСМ предупредуваат и на, како што го нарекуваат, планот „мигранти за пари“, за кој тврдат дека би следел по евентуалното укинување на техничката влада.
„Сите чекори кои власта досега ги презема – изолација, избори и мигранти за пари – веќе ги најавивме. Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може подоцна да тврди дека не бил соучесник“, се наведува во реакцијата.
Од партијата потенцираат дека нема да учествуваат на лидерската средба и дека остануваат, како што велат, „на страната на граѓаните и на Македонија“, залагајќи се за европска интеграција, владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот.






