MKinformer

your daily dose of news

Касами по лидерската средба: Гласање за дијаспората и отворени листи, укинување на пржинската влада со консензус

14/01/2026 16:58

Градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на коалицијата Вреди, Биљал Касами, по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците изјави дека на состанокот се разговарало за Изборниот законик, укинувањето на пржинската влада и реформската агенда поврзана со европските интеграции.

Во однос на Изборниот законик, Касами нагласи дека како претставник на „Вреди“ се заложил да се овозможи гласање на дијаспората, оценувајќи дека таа претставува важен чинител кој има значаен економски придонес за државата.

„Се отвори и темата за изборните единици – дали да има една, три, осум или да останат шест како досега. Како и да се одлучи, ние сме за воведување отворени изборни листи“, изјави Касами.

Тој информираше дека доколку се постигне политички консензус, пржинската, односно техничката влада може веднаш да биде укината. Во спротивно, како што посочи, доколку СДСМ не се согласи, укинувањето на техничката влада ќе следува по наредните редовни парламентарни избори.

Во врска со реформската агенда, Касами истакна дека немало посебни забелешки и дека реформските закони ќе бидат усвоени, бидејќи, како што рече, тие се суштински за напредокот на Македонија во процесот на европска интеграција.

error: Содржината е заштитена од копирање !!