Лидерска средба во Клубот на пратениците: Неизвесно кој ќе седне на маса, СДСМ дефинитивно надвор
14/01/2026 9:32
Денеска во Клубот на пратениците е закажана лидерска средба свикана од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но сè уште не е целосно јасно кои политички субјекти ќе присуствуваат.
Според досегашните најави, на средбата ќе бидат присутни владините коалициски партнери, додека од опозицијата учеството останува неизвесно. Она што е извесно е дека СДСМ нема да учествува, што во повеќе наврати го потврди и партискиот лидер Венко Филипче.
На агендата на лидерската средба се очекува да се најдат реформските закони од областа на правосудството, изборот на народен правобранител, измените на Изборниот законик, укинувањето на техничката, односно пржинската влада, како и други прашања предложени од учесниците.
Од владејачките коалициски партнери се очекува присуство на претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, како и претставници на коалицијата Вреди, меѓу кои и градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Од опозициските пратенички групи, засега учество потврди само Левица. Пратеникот Амар Мециновиќ изјави дека партијата ќе присуствува со цел да се воспостави конструктивен дијалог за клучните државни прашања. Левица, сепак, условува евентуално укинување на техничката влада со воведување една изборна единица.
Во меѓувреме, ДУИ вчера на седница на Генералниот совет одлучи дека нејзиниот лидер Али Ахмети ќе учествува на состанокот.
Координаторот на пратеничката група на „Вреди“, Беким Ќоку, на прес-конференција информира дека коалицијата ја прифатила поканата и дека на средбата ќе учествуваат тој и Билал Касами. Тој нагласи дека во поканата не биле наведени конкретни точки, но оти „Вреди“ смета дека техничката влада не е соодветна за земја што преговара за членство во ЕУ.
Лидерската средба ја поздравија и ЛДП и ДОМ. Од ЛДП порачаа дека се подготвени да учествуваат, но само доколку разговорите не се сведат исклучиво на прашањето за техничката влада, туку опфатат и суштински теми што директно влијаат врз животот на граѓаните.







One thought on “Лидерска средба во Клубот на пратениците: Неизвесно кој ќе седне на маса, СДСМ дефинитивно надвор”
Comments are closed.