Кинески научници создадоа материјал потврд од дијамант
07/03/2026 9:14
Тим истражувачи од два кинески универзитета тврди дека успеал да синтетизира материјал кој е потврд од природниот дијамант, создавајќи редок облик на јаглерод познат како хексагонален дијамант.
Кубниот дијамант се смета за најтврд природен минерал на Земјата и има широка примена – од индустриски алатки за сечење до високо перформансни полупроводници и накит. Сепак, научниците долго време дебатираат за постоењето на уште поретка форма хексагоналниот дијамант.
Според извештајот објавен на Phys.org, кинеските истражувачи тврдат дека успеале да создадат токму таков материјал во лабораториски услови. Овој тип на дијамант најчесто се поврзува со места каде што паднале метеорити, но поради малите количини во природата, научниците досега немаа јасни докази за неговото постоење како посебен материјал.
Во труд објавен во научното списание Nature, тимот опишува како успеал да произведе масивно парче чист хексагонален дијамант со примена на екстремен притисок и висока температура.
Истражувачите како почетен материјал користеле високо ориентиран графит, високо организирана форма на јаглерод слична на материјалот што се наоѓа во графитните моливи. Материјалот бил поставен меѓу наковални од волфрам карбид и изложен на притисок од 20 гигапаскали, што е околу 200.000 пати поголемо од атмосферскиот притисок, при температури меѓу 1.300 и 1.900 степени Целзиусови.
Со оваа метода притисокот бил применет од врвот на јаглеродните слоеви, а не од страните, што овозможило создавање на милиметарско парче чист хексагонален дијамант.
За да потврдат дека навистина станува збор за оваа форма на јаглерод, научниците користеле дифракција на Х-зраци, техника која овозможува мапирање на позициите на атомите во материјалот. Дополнително, тие примениле и електронска микроскопија со атомска резолуција за да ги визуелизираат карактеристичните хексагонални структури на јаглеродните атоми.
Механичките својства на новиот материјал биле тестирани со Викерсов тест за тврдост. Резултатите покажале тврдост од околу 114 гигапаскали, додека природните дијаманти обично имаат тврдост од околу 110 гигапаскали.
Доколку овие резултати бидат дополнително потврдени, хексагоналниот дијамант би можел да има широка примена, од индустриски алатки за сечење и абразивни материјали до напредна електроника со високи перформанси.






