Претепале газда на кафана затоа што не им отворил доцна во ноќта се допијат
20/01/2026 12:13
Двајца мажи завршија во притвор поради брутален физички напад врз сопственик на гостилница во Куманово, кој се случил по полноќ откако тој одбил да им дозволи влез во веќе затворениот угостителски објект.
Инцидентот се случил на 18 јануари околу 1:00 часот по полноќ. Според информациите од Основно јавно обвинителство Куманово, осомничените се обиделе агресивно да влезат во гостилницата со намера и по завршувањето на работното време да консумираат алкохол.
Откако сопственикот им укажал дека објектот е затворен и не им дозволил влез, ситуацијата ескалирала. Двајцата продолжиле со насилничко однесување во дворот на објектот, каде физички го нападнале сопственикот, удирајќи го повеќепати по главата и телото. При нападот, жртвата била соборена на земја и претрпела тешки телесни повреди, меѓу кои скршеница на десната рака и повреда на увото.
Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против двајцата осомничени за кривично дело „насилство“. По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка при Основен суд Куманово им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Надлежните институции информираат дека постапката продолжува, а случајот ќе се разгледува во редовна судска постапка.






