MKinformer

your daily dose of news

ДУИ ќе ги поддржи измените за „Сејф Сити“: Системот стартува од февруари, но со услови

20/01/2026 14:18

Пратениците на опозициската Демократска унија за интеграција ќе дадат поддршка за предложените измени во Законот за прекршоци, со кои системот „Сејф Сити“ треба да започне со примена од почетокот на февруари.

Ова денеска го соопшти координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, нагласувајќи дека партијата ја остава техничката и содржинската доработка на забелешките на Министерство за внатрешни работи.

„Од МВР ни беше кажано дека се работи во насока на нашите барања. Во зависност од тоа како тие ќе се исполнуваат, ќе одлучиме како ќе постапуваме во Собранието и дали дополнително ќе предлагаме измени во законските решенија“, изјави Ајдари на денешната прес-конференција.

Таа потенцираше дека ДУИ ја поддржува целта на проектот – зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштита на човечките животи, но истовремено инсистира и на целосно почитување на уставните права и слободи на граѓаните.

Како клучни забелешки, Ајдари ги наведе:

  • задолжителната употреба на албанскиот јазик како службен,

  • примената на системот само во три града – Скопје, Тетово и Куманово, што според нив создава нееднаквост меѓу граѓаните,

  • потребата од корекција на висината на казните,

  • како и усогласување и јасно означување на сообраќајната сигнализација.

„Значајно е да се спаси макар и еден човечки живот, но исто толку значајно е системот да не ги нарушува уставно загарантираните права на граѓаните“, нагласи Ајдари.

Според најавите, седницата на Собрание на Република Македонија на која треба да се гласаат измените се очекува да се одржи в петок, но терминот дополнително ќе биде потврден. За усвојување на измените е потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 80 пратеници.

error: Содржината е заштитена од копирање !!