Собранието го изгласа Законот: „Безбеден град“ стартува од 1 февруари
23/01/2026 15:48
Собранието денеска со 81 глас „за“, 19 „против“ и без воздржани го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците по скратена постапка, со што официјално се отвора патот за старт на системот „Безбеден град“ од 1 февруари.
По барање на координаторката на пратеничката група на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето се одвиваше номинално, односно секој пратеник се изјаснуваше поединечно. За усвојување на законот беше потребно двотретинско мнозинство, кое беше обезбедено.
Со измените се воведува посебна постапка за санкционирање на сообраќајни прекршоци утврдени преку технички средства и уреди за автоматско снимање, со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.
Во првата фаза, системот „Безбеден град“ ќе регистрира прекршоци како пречекорување на брзината, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на листата на прекршоци.
Откако системот целосно ќе биде ставен во функција, сопствениците на возилата ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за електронски записник и платен налог. Прекршоците ќе може да се платат онлајн, без дополнителни трошоци доколку плаќањето е навремено. За прекршоци за кои е предвидена и мерка забрана за управување со возило, Министерството за внатрешни работи ќе покренува постапка пред надлежен суд.
Во рамките на денешната работа, Собранието продолжува и со разгледување на други законски решенија, меѓу кои и измените на Законот за внатрешни работи, Законот за полицијата, како и Законот за посебен регистар за лица осудени за сексуална злоупотреба на малолетни лица.







One thought on “Собранието го изгласа Законот: „Безбеден град“ стартува од 1 февруари”
Comments are closed.