Кина доби зелено светло за изградба на мегa-амбасада во близина на Лондонската кула
20/01/2026 22:42
По повеќегодишни одложувања и силно противење од локалното население, пратеници и активисти од Хонг Конг, кинеската амбасада во Лондон конечно доби одобрение за изградба во близина на Лондонската кула, јавува Ројтерс.
Според извори на агенцијата, дозволата за градба е издадена непосредно пред планираната посета на британскиот премиер Кир Стармер на Кина, а неименувани кинески и британски претставници посочуваат дека патувањето било условено токму со ова одобрение. Доколку се реализира, тоа ќе биде прва посета на британски лидер на Кина од 2018 година.
Новата кинеска амбасада ќе биде една од најголемите дипломатски мисии во светот, со површина од околу 55.000 квадратни метри – десет пати поголема од сегашната амбасада на Кина во Лондон. Објектот ќе се гради на локацијата на поранешната Кралска ковница пари, која функционирала од 19 век до 1967 година.
Изградбата предизвика остри реакции кај дел од британските и американските политичари, кои предупредија дека амбасадата, поради близината до финансиски институции, би можела да се користи како „шпионска база“ или за пристап до чувствителна инфраструктура, вклучително и оптички кабли што минуваат под областа.
Кинеската влада ја купи локацијата уште во 2018 година, но првичните барања за дозвола беа одбиени во 2022 година. Минатата година, кинескиот претседател Си Џинпинг лично побарал од Стармер да интервенира за решавање на спорот.
Дозволата за градба сега е издадена со „одредени услови“, чија содржина засега не е целосно јавно објавена. Во меѓувреме, директорот на британската разузнавачка служба MI5, Кен Мекалум, изјави дека агенцијата може да се справи со потенцијалните безбедносни ризици. Од MI5 претходно предупредија и дека постои закана од кинески обиди за регрутација на лица со пристап до британската влада.
Проектот повторно ја отвори дебатата за односите меѓу Лондон и Пекинг, балансирањето меѓу економските интереси и националната безбедност, како и идната насока на британската надворешна политика кон Кина.






