Полска планира укинување на финансиската помош за украинските бегалци
21/01/2026 17:20
Владата на Полска најави дека планира постепено укинување на вонредната финансиска помош за украинските бегалци, воведена по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Владиниот портпарол Адам Шлапка изјави дека по изминати четири години ситуацијата значително се стабилизирала, што овозможува промена на пристапот.
„Четири години подоцна ситуацијата е постабилна. Може постепено да се укинуваат мерките и да преминеме од привремени кон трајни решенија“, истакна Шлапка.
Во предлог-законот што треба да биде доставен до Полски парламент се наведува дека помошта за украинските граѓани била воведена како вонредна и привремена мерка. Со новите измени се предвидува укинување на посебните права за социјална помош, државно финансирано домување и здравствена заштита, додека правото на законски престој и идентификација ќе остане непроменето.
Одлуката на владата наиде на критики, особено од деловната заедница. Невладина организација која ги застапува полските претприемачи предупреди дека укинувањето на бенефициите „може сериозно да го парализира пазарот на трудот“.
Според нивните податоци, досегашната исклучителна помош овозможила легално вработување на околу 1,24 милиони украински државјани, кои во моментов сочинуваат 66 проценти од странската работна сила во Полска. Бизнис секторот стравува дека ваквиот потег може да предизвика недостиг од работна сила и дополнителни економски притисоци.
Полска беше една од земјите што прими најголем број бегалци од Украина по почетокот на војната, обезбедувајќи им широка социјална и институционална поддршка. Најавените промени, според аналитичарите, претставуваат обид за долгорочно системско решение, но истовремено отвораат прашања за социјалната и економската стабилност.






