Ова се прекршоците кои ќе ги лови „Безбеден град“
25/01/2026 11:54
Возењето во главниот град е значително посмирено по воведувањето на тест-периодот на системот „Безбеден град“, вели началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски. Според него, граѓаните реагирале веднаш по воведувањето на опомените, што резултирало со драстично намалување на бројот на сообраќајни прекршоци.
Топаловски во подкастот Радар истакна дека ефектот од системот бил видлив речиси инстантно.
„Преку опомените народот многу брзо изреагира во тест-периодот. Беше известен, знаеше што претстои и веднаш го смири своето возење. Со тоа покажавме дека можеме да бидеме исто како Германците, Австријците и сите други земји што го имаат овој систем“, изјави Топаловски.
📉 Прекршоците намалени за повеќе од три пати
Според податоците на СВР Скопје, на самиот почеток на тест-периодот биле регистрирани над 110.000 прекршоци, бројка што институциите практично не можат да ја обработат.
„Но народот – за два дена – го спушти бројот на 30.000. Самата опомена беше доволна да се намали брзото возење и ризичното однесување“, нагласи Топаловски.
🚦 Кои прекршоци ги регистрира „Безбеден град“?
Системот „Безбеден град“ ќе детектира четири клучни прекршоци кои директно ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот:
-
🚗 Пречекорување на дозволената брзина
-
🚦 Поминување на црвено светло
-
🚘 Управување нерегистрирани возила
-
🅿️ Неправилно паркирање
„Ако само на една точка на Партизанска застанат две возила ‘на две минути’, се прават колони што два часа не можат да се расчистат. Најлошо е што така се загрозуваат човечки животи“, предупреди Топаловски.
Другите прекршоци, како неносење сигурносен појас или користење мобилен телефон при возење, и понатаму ќе се санкционираат преку редовни полициски контроли.





