MKinformer

your daily dose of news

„Безбеден град“ даде резултати: Драстично намалени прекршоците во сообраќајот за само еден ден

02/02/2026 13:52

По години апели, кампањи и предупредувања за небезбедниот сообраќај, Македонија конечно влезе во нова фаза на контрола и превенција. Системот за видео-надзор и автоматско санкционирање „Безбеден град“, кој од 1 февруари официјално започна со работа, уште во првите часови испрати јасна порака, дисциплината во сообраќајот може значително да се подобри.

Податоците од првиот ден се повеќе од охрабрувачки. Наместо десетици илјади прекршувања, паметните камери регистрирале околу 500 сообраќајни прекршоци, што претставува огромен пад во однос на периодот кога системот функционираше во тест-фаза. Само пред два месеца, бројката надминуваше 120 илјади прекршоци.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оцени дека ваквиот резултат е јасен сигнал дека граѓаните ја разбрале пораката. Според него, зголемената свесност и поодговорното однесување на учесниците во сообраќајот веќе даваат конкретни резултати, особено на подрачјето на СВР Скопје.

Во период од два месеци, бројот на повредени лица во сообраќајни незгоди е намален за околу 35 проценти, додека бројот на загинати е преполовен – од 11 на четири. „Овие податоци покажуваат дека и кај нас можат да се применат европски стандарди, доколку се работи сериозно и системски“, истакна Тошковски, упатувајќи благодарност до граѓаните за почитувањето на правилата.

Системот „Безбеден град“ моментално функционира во Скопје, Куманово и Тетово, како и долж Коридорите 8 и 10. Камерите се поставени на критични точки каде најчесто се случуваат прекршоци и сообраќајни незгоди, а евиденцијата се врши автоматски, без директен контакт меѓу полицијата и возачите.

Во оваа фаза, системот детектира четири најчести прекршувања: непрописно паркирање, пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло и управување возило со истечена сообраќајна дозвола. Во наредниот период е најавено проширување и со санкционирање на користење мобилен телефон и неносење сигурносен појас.

Со цел полесна адаптација, Владата и Министерството за внатрешни работи воведоа привремено повисок праг на толеранција при мерењето на брзината. Наместо стандардните 10 проценти, во почетната фаза толеранцијата изнесува околу 15 проценти. Според новиот правилник, дозволеното пречекорување изнесува до 6 километри на час за ограничувања до 50, до 9 километри од 50 до 100, и до 12 километри над 100 километри на час.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека станува збор за транзициски период, при што целта не е веднаш казнување, туку навикнување на возачите на новиот систем. Пораката од надлежните е јасна – „Безбеден град“ не е проект за полнење на буџетот, туку алатка за спасување човечки животи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!