Утрински минуси низ цела Македонија: најстудено во Берово, снег на Шапка
28/01/2026 9:57
Утрово немаше град во Македонија со температура над нулата, а најтопло беше во Охрид, каде што беа измерени 0 степени.
Најстудено утрово беше во Берово со -5 степени, додека на Попова Шапка температурата се спушти до -4 степени. Во Скопје, Крива Паланка, Велес, Тетово, Струмица и Битола беа измерени -3 степени.
Најмногу дожд наврнал во Демир Капија и Штип, по 6 литри на метар квадратен.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде утрово снежната покривка изнесува 30 сантиметри.
Времето денеска претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини се очекува слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер, а максималната дневна температура ќе биде во интервал од 6 до 10 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно, попладне со повремен дожд, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.





