MKinformer

your daily dose of news

Финансиска полиција поднесе кривична пријава против Марко Беслимовски за злоупотреба на службена положба

29/01/2026 14:59

Управа за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство Скопје против Марко Беслимовски, во својство на претседател на Регулаторна комисија за енергетика, поради сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Според наводите во пријавата, Беслимовски не ја одзел навреме лиценцата за вршење енергетска дејност на компанијата Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје, сопственост на Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој е обвинет во предметот „Синџир“ за фиктивно затајување данок.

Наместо да донесе решение за одземање на лиценцата, пријавениот, како што наведува Финансиската полиција, донел незаконско решение за прекин на постапката, со што лиценцата не била одземена на 15 јануари 2024 година, туку дури на 14 април 2025 година.

Со ова постапување, се наведува во пријавата, Беслимовски му овозможил на правното лице противзаконски да продолжи со вршење енергетска дејност во период од околу 15 месеци, по истекот на законските услови, како и да учествува и склучува договори во постапки за јавни набавки.

Финансиската полиција тврди дека со ваквото постапување биле повредени прописите кои претседателот на Регулаторната комисија бил должен да ги спроведува, при што на компанијата ѝ било овозможено да оствари вкупен промет од 194.520.962 денари, како и да се стекне со противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари.

Од Финансиската полиција информираат дека по целосно документирање на случајот, материјалите се доставени до надлежното обвинителство за понатамошно постапување.

One thought on “Финансиска полиција поднесе кривична пријава против Марко Беслимовски за злоупотреба на службена положба

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!