РКЕ: Постапката за „Тритерол Петрол“ е водена согласно законот, отворени сме за соработка
29/01/2026 17:23
Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) се огласи по информацијата дека Финансиска полиција поднела кривична пријава против претседателот на Комисијата, Марко Бислимоски, поврзана со постапувањето за одземање лиценца на компанијата Тритерол Петрол.
Во официјалното соопштение, од РКЕ наведуваат дека и Комисијата и нејзиниот претседател се целосно отворени за соработка со сите надлежни институции, со цел случајот целосно да се расчисти.
Истовремено, од РКЕ тврдат дека во конкретниот предмет постапката за одземање на лиценцата била спроведена целосно согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, без отстапување од законските процедури и рокови.
Од Комисијата дополнуваат дека истиот пристап и идентични рокови биле применети и во други случаи, односно и за други компании, баратели на лиценци, што, според нив, ја исклучува можноста за селективно или издвоено постапување.
РКЕ најави дека во оваа фаза нема да коментира дополнителни детали, со образложение дека е неопходно да им се остави простор на институциите да постапуваат професионално и во рамки на своите законски надлежности.






