Алијансата за Албанците го оспорува „Safe City” пред Уставниот суд
30/01/2026 15:31
Алијанса за Албанците соопшти дека на денот на стапување во сила на законите од пакетот „Safe City“ поднела иницијатива до Уставен суд за оспорување на нивната уставност.
Адвокатот Абидин Абдули, ангажиран од Алијансата за Албанците, изјави дека иницијативата е поднесена согласно најавите дадени од пратениците на партијата во Собранието.
„Како што најавија нашите пратеници од собраниската говорница, законите од пакетот ‘Safe City’ ќе бидат оспорени пред Уставниот суд на денот на нивното стапување во сила. Овие иницијативи ги поднесовме со цел секој закон да важи за сите граѓани, на целата територија на Република Северна Македонија“, истакна Абдули.
Во врска со изјавите на Зијадин Села, пратеникот Халил Снопче нагласи дека сериозноста на проектот „Safe City“ треба да се мери преку конкретни законски постапки, а не преку политички изјави. Тој посочи дека членот 9 од Уставот гарантира еднаквост за сите граѓани и дека спроведувањето на законот само во три града не обезбедува уставна еднаквост и униформност.
Снопче потсети дека пратеникот Ријад Шаќири уште од собраниската говорница најавил поднесување иницијатива до Уставниот суд, додека Зијадин Села не бил присутен за време на гласањето на законите.
Од Алијансата за Албанците потенцираат дека секое законско решение мора да биде правично, еднакво и применливо за сите граѓани без исклучок, нагласувајќи дека ќе продолжат да ги користат сите институционални механизми за заштита на уставноста и еднаквоста.






