Три обвиненија за трагичниот пожар: Обвинителството ги процесуира пропустите на полициските службеници
30/01/2026 16:11
По речиси една деценија истрага, Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе три обвиненија поврзани со трагичниот пожар во угостителски објект, информираше обвинителката Ивана Алексова Трајчева на брифинг со новинарите.
Како што беше појаснето, првата кривична пријава била поднесена неколку дена по пожарот и се однесувала на седум полициски службеници. Втората и третата пријава пристигнале во април, додека четвртата, која се однесува на постапувањето на кобната вечер, била поднесена во јуни и сега е процесуирана во обвинителен акт.
Првото обвинение се однесува на настаните непосредно пред избувнувањето на пожарот. Според обвинителството, неколку минути пред трагедијата во објектот влегле 10 полициски службеници, од кои еден во меѓувреме починал. Иако не е строго пропишано со правилник, вообичаена пракса при вакви контроли е веднаш да се вклучат светлата, да се прекине музиката и да се исклучи пиротехниката. Во конкретниот случај, службениците не ја исклучиле пиротехниката, иако имале обврска да го сторат тоа.
Второто обвинение опфаќа девет полициски службеници за периодот 2022-2023 година, поради издавање согласности за исполнетост на услови за работа на објектот. Првично биле опфатени 10 лица, но еден од осомничените, Владо Петров, починал. Како клучен пропуст е наведено обезбедувањето паркинг-простор.
Според законските прописи и квадратурата, дискотеката морала да има најмалку 20 сопствени паркинг-места, а користење јавен или туѓ паркинг не било дозволено. И покрај тоа, по барање на сопственикот, полициските службеници потпишале дека условите се исполнети.
Дополнително, во периодот 2024-2025 година објектот немал активна лиценца за работа, а една година функционирал и со фалсификуван документ. Надлежноста на полициските службеници се однесувала само на надворешните услови, како паркингот и јавниот ред, а не и на внатрешните контроли.
Третото обвинение се однесува на тројца полициски службеници за злоупотреба на службената положба. Во периодот 2022–2024 година, при утврдување прекршоци, вклучително и присуство на малолетници, тие во службените записници внесувале неточни податоци, поради што прекршочните постапки пропаѓале, а сопствениците избегнувале плаќање казни.
За дел од службениците кои постапувале во периодите 2012, 2018 и 2019 година, истрагата е запрена поради застареност или поради немање елементи на кривично дело. За тројца полициски службеници предметот е отстапен на Основно јавно обвинителство Кочани, бидејќи станува збор за полесни кривични дела.






