Ивана седум години била малтретирана од нејзиниот сопруг покажа истрагата на ОЈО
07/03/2026 18:56
Основното јавно обвинителство побара притвор за Стојанчо Јовановски, сопругот на Ивана Јовановски, по трагичниот настан во скопската населба Карпош во кој таа и нејзината шестгодишна ќерка го загубија животот по пад од балкон.
Според истрагата, неколку часа пред трагедијата, осомничениот физички ја нападнал сопругата пред нејзиното работно место, а подоцна и во близина на Основниот кривичен суд во Скопје. Во нападот и биле нанесени хематоми по главата и телото, а притоа и се заканувал дека ќе ја убие.
Од Обвинителството информираат дека осомничениот продолжил со заканите и додека се движеле со автомобил кон судот, со што кај жртвата предизвикал силно чувство на страв и несигурност.
„На критичниот ден претходеле неколку настани. Осомничениот најпрво се заканувал и започнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да и се заканува дека ќе ја убие“, соопшти Јавното обвинителство.
По нападот, откако ја зеле шестгодишната ќерка од училиште, тие биле однесени до домот за Ивана да се спакува и да замине кај својата мајка. Додека сведокот и осомничениот чекале пред зградата, таа се заклучила во станот со детето.
Според обвинителството, токму тогаш се случила трагедијата.
Истрагата утврдила дека осомничениот во период од седум години претходно континуирано ја малтретирал Ивана и физички и психички. Насилството било пријавувано и од самата жртва, како и од очевидци во надлежните институции.
Во последната година нападите дополнително се интензивирале, поради што, според обвинителството, Ивана се нашла во исклучително тешка и безизлезна ситуација.
Против Стојанчо Јовановски се води постапка за неколку кривични дела, меѓу кои наведување на самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Во меѓувреме, утврдени се и пропусти во постапувањето на социјалните служби. Обвинителството веќе отворило посебен предмет за да се утврди дали постои кривична одговорност кај службениците од Министерството за социјална политика кои работеле на случајот.
Се очекуваат и резултати од проверката на Министерството за внатрешни работи, кое треба да утврди дали имало пропусти во постапувањето на полицијата. Полицијата добила пријава за инцидентот неколку часа пред трагедијата, но по повлекувањето на пријавата од страна на жртвата, службениците се повлекле од случајот.
Од МВР најавија дополнителна проверка дали повлекувањето на пријавата било направено под притисок.





![Ужас во Ѓорче Петров: Млада жена со перница се обиде да ја убие бабата на сопругот policija-mvr[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mvr1.png)
![Ноќеска уапсен скопјанец во Кисела Вода пукал кон сопругата и им се заканувал на своите три ќерки semejno-nasilstvo[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/semejno-nasilstvo1.jpg)