Се урна стара куќа во центарот на Битола – оштетени повеќе возила
31/01/2026 12:56
Вистинска среќа е што нема повредени лица во инцидентот што попладнево се случи во строгиот центар на Битола, кога стара и руинирана куќа целосно се сруши, предизвикувајќи значителна материјална штета на неколку паркирани возила.
Настанот се случил зад станбениот комплекс познат меѓу битолчани како „Зградата кај ЈАТ“, локација која често се користи како паркинг. Во моментот на уривањето, под рушевините се нашле повеќе автомобили, кои биле оштетени од градежниот шут.
Екипи на СВР Битола веднаш излегле на терен и извршиле увид. Се документира материјалната штета, а сопствениците на оштетените возила дале изјави.
Овој инцидент повторно го актуелизира сериозниот проблем со старите и руинирани објекти во централното градско подрачје на Битола. Дел од овие објекти со години се оставени без одржување и претставуваат потенцијална опасност не само за имотот, туку и за безбедноста на минувачите.
Граѓаните апелираат надлежните институции итно да извршат контрола и санација на ваквите објекти, пред да се случи трагедија со потешки последици.






